Хо'опонопоно искуства
Стресот на една мачка
Ова лето итно заминавме во Италија и ја оставивме нашата мачка девет дена сама во градината. Нашата градина беше прилично голема (со повеќе од 75.000 квадратни метри) и во неа насекаде имаше глувци, па не бевме особено загрижени. Но, кога се вративме таа не нѐ пречека.
Не се појави ни по една недела. Направивме опширно хо’опонопоно и ги запишавме сите стресови што би можела да ги има додека бевме отсутни. Неколку часа подоцна, мачката скокна на прагот од прозорецот, и нè гледаше низ прозорецот, гласно мјаукајќи. - М.М.*
Водачот на разбојниците
Беше одамна: Имав добра секретарка, која моите деловни партнери ја сметаа за непоколеблива личност. Еден клиент од Италија секогаш ја опишуваше како карабинерка (воена полицајка). Нејзината „еж“ фризура и нејзиниот тврд и испитувачки поглед го направија останатото. Случајот ескалираше кога мојата втора секретарка почна да се плаши од неа. Секако, бев загрижен поради ова, и во медитација се осмелив да стапам во контакт со духот во нејзината аура.
Одговорот дојде веднаш, како да ме очекуваше. Всушност, имаше втор ентитет во нејзината аура. Еден водач на разбојници пред француската револуција, кој ја гонел тогашната реинкарнација на мојата втора секретарка. Веднаш ги вклучив сите вмешани во моето следно хо’опонопоно и мојата вмешаност во целата работа.
По три до четири недели додека ги миев забите наутро, видов слика во горниот десен агол: Тоа беше водачот на разбојниците со ранец. „Je suis pret“ (подготвен сум), рече тој и исчезна. Набргу потоа, мојата секретарка ја напушти компанијата и не слушнав ништо повеќе за неа. Но, по околу две и пол години, ја видов повторно во едно кафуле. Поминав покрај неа и одвај ја препознав: таа имаше долга мека коса и невообичаено спокоен изглед. - Момо *
Спирали на чистење
Во последниве 20 години трипати се селевме, секој пат на места оддалечени од 50 до 80 километри од претходното. Во истиот период го применувавме хо’опонопоно според Морна, не само за нашите лични проблеми, туку исто така и за куќата, градината и целата околина.
И секогаш се случуваа необични промени, најчесто по околу две години: беа изградени нови патишта долги повеќе километри, со велосипедски патеки и со свежо засадени овошни дрвја или брези. Во градината се појавија цвеќиња кои ниту јас ниту мојата сопруга не сме ги засадиле.
Минатиот месец, на нашиот имот „дојдоа“ следните животни: два елени што мирно си пасеа, два фазани придружени со две чапји што бараа глувци, и еден зајак и една лисица во блиската околина. - Даниел С.
Партнерот од соништата
И покрај добрите идеи и посветената работа, состојбата во мојата компанија сѐ повеќе се влошуваше: растеа побарувањата од клиентите, а растеа и трошоците поради поплаките. Во овие околности, се запознав со хо’опонопоно според Морна Симеона. Уште повеќе се уплашив кога мојот најблизок соработник ја напушти компанијата, а главниот акционер побара да му се вратат вложените пари. На крајот, поведов постапка за затворање на компанијата.
За време на завршната пресметка, сепак, се премислив и одлучив да најдам нов бизнис партнер. Дадов оглас во весникот „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“. По неколку дена се јавив во весникот, љубезната службеничка беше изненадена од големата заинтересираност, и ме извести дека се пријавиле повеќе од педесет кандидати.
Десет кандидати ги испратија своите документи. По личните интервјуа, тројца кандидати се изјаснија дека сакаат да станат мои бизнис партнери. Конечно, го најдов партнерот од моите соништа со кој можев да ги реализирам своите идеи. - Л. од Б. *
